Цените на недвижностите во еврозоната се на историски минимум од 2006 година
Според најновите информации на Европската централна банка (ЕЦБ) цените на недвижностите во земјите на еврозоната се на историски минимум од 2006 година. Индексот со кој се мери вредноста на недвижностите, паднал од 97,7 бодови, колку што изнесувал на крајот на 2012 година на 96,6 поени. Максималниот износ од 102,4 бодови за еврозоната, како што пренесува Ројтерс, бил во 2008 година.
Овој пад на цените на недвижностите во Европа е последица на лошата економска ситуација во повеќето од земјите на фискалната унија.
Во Германија индексот на цените до крајот на март достигнал рекордни 113,3 поени, додека кон крајот на 2010 изнесувал 100 бода, а слична е ситуацијата и во Австрија.
Во земјите зафатени со финансиската криза цените на недвижниот имот наголемо паѓаат. Во Ирска недвижностите поевтиниле за 50 отсто, во Шпанија за 35 проценти, Грчка за 30 отсто и во Португалија за 10 проценти. Аналитичарите сепак очекуваат стабилизација на пазарот на недвижности.
