Cемејството Гигс ќе се збогува со 50-годишната традиција – популарните Мартинки ќе добијат нов дом
Култните британски чизми Док Мартинс наскоро ќе добијат нов дом, со што ќе заврши 50 годишната семејна сопственичка традиција.
Извори блиски до семејството Гигс велат дека тие преговаат да продадат 91,5 отсто од компанијата на приватната фирма Пермира за 300 милиони фунти. Изворите велат дека оваа купопродажба може да се случи во наредните неколку недели. И двете компании Док Мартинс и Пермира не даваат коментари за гласините.
Познатите кожни Мартинки беа сигнал за младешкиот бунт од првиот момент кога се појавија во 1960 година. Различните субкултурни бранови – од скинхедсите до панкерите преку готиците – сите ги носеа токму овие култни обувки. Дури и музичките ѕвезди помогнаа да се популаризира брендот, почнувајќи од гитаристот на The Who, Пит Таунсхенд до илјадници други, а последни ги носеат Ријана и Мајли Сајрус.
Ова е вторпат да се зборува дека семејството Гигс ќе го продава брендот. Оваа фирма важи за една од поатрактивните на пазарот. Минатата година имаше преговори со фирмата Електра Партнерс, но Док Мартинс беа незадоволни од понудената цена и пропадна договорот.
Док Мартинс се продаваат во над 63 земји во целиот свет, а половина од производите се продаваат на американскиот пазар. Најголем дел од Мартинките сега се произведуваат во Азија, само мал дел одбрани парчиња се произведуваат во родната Британија.
Слично
