Цело семејство загина во несреќата на жичницата во Италија
Петчлено семејство со мало детенце загина во Италија.
Тие загинаа кога кабина се откачи од жичница. Брачниот пар, нивното дете и родителите на сопругот се петте члена меѓу 14-те жртви на трагедијата. Најмладата жртва е 2-годишниот Том Бринан. Тој заедно со своите родители, бабата и дедото и братот биле на излет. Братчето на Том е единствениот преживеан во падот на кабината, но се наоѓа во болница и се бори за живот. Има тешки повреди на главата, телото и на нозете. Засега нема официјална потврда за причината за несреќата, но се претпоставува дека откажал еден од каблите.
Властите денеска ветија дека итно ќе ја истражат оваа несреќа. Формирана е специјална комисија којашто ќе им помогне на обвинителите во истрагата, изјави министерот за инфраструктура Енрико Џованини. Според медиумските извештаи, обвинителството размислува и за тоа дали во овој случај може да се подигнат обвиненија за убиства од небрежност. Во кабината со капацитет до 40 патници, во моментот на несреќата имало 15 лица, а жичницата во тој момент била на стотина метри пред крајот на линијата меѓу местото Стрезо и планинскиот врв Мотароне.
