ЦЕЛИ ЗГРАДИ ИСЧЕЗНАА ЗА НЕКОЛКУ СЕКУНДИ – МЈАНМАР БРОИ ПОВЕЌЕ ОД 1.000 ЗАГИНАТИ: Уште се трага по преживеани
Повеќе од 1.000 луѓе ги загубија животите во разорниот земјотрес што го погоди Мјанмар, додека спасувачите продолжуваат очајнички да бараат преживеани под урнатините.
Земјотрес со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала го погоди централниот дел на Мјанмар, со епицентар северозападно од градот Сагаинг. Само неколку минути подоцна следеше силен последователен потрес со јачина од 6,7 степени.
Според локалните власти, урнати се мостови, уништени се бројни згради, а патиштата се искривени во големи делови од земјата. Најголемо уништување е забележано во Мандалеј, вториот по големина град, каде што се забележани најмногу жртви.
Властите соопштија дека досега е потврдена смртта на 1.002 лица, додека 2.376 се повредени. Тие наведуваат дека бројките се уште не се конечни и дека се уште се собираат податоци за штети и жртви.
Американските сеизмолози велат дека ова е најсилниот земјотрес што го погодил Мјанмар во последните 100 години. Земјотресот бил толку силен што неговите ефекти биле почувствувани во Бангкок, оддалечен стотици километри.Во главниот град на Тајланд, спасувачите цела ноќ трагаа по персонал заробен во урнат облакодер од 30 ката, кој за неколку секунди се претвори во куп бетон и метал.
Властите во Бангкок соопштија дека повеќе од 100 инженери ќе бидат испратени на терен за да ги проверат оштетените објекти. Добиле над 2.000 пријави за штета.
Земјотресот не предизвика целосно уништување, но создаде драматични сцени - вклучително и излевање на вода од базените на покривите на зградите, течејќи по фасадите.
фото: EPA-EFE/RUNGROJ YONGRIT