Цела Америка на нозе – нов инцидент само ги подгреа протестите
Продолжуваат протестите во САД поради одлуката на судот да не поведе постапка против полицаецот Дарен Вилсон, кој во август во Фергусон го уби црномурестиот тинејџер Мајкл Браун, кој не беше вооружен.
Претстојниот викенд во Америка се одбележува Денот на благодарноста, кој традиционално ги собира американските семејства, но оваа година нема ништо идилично во овој празник. Земјата ја потресуваат масовни расни протести од источниот до западниот брег, проследени со немири, насилство и инциденти.
Не помогнаа ниту апелите на американскиот претседател Барак Обама за смирување на ситуацијата. И Обама самиот призна дека „некои заедници во САД имаат чувство оти законите не важат подеднакво за сите“.
Дополнително, атмосферата уште повеќе ја подгреа информацијата дека полицаец на игралиште во Кливленд го убил 12-годишното момче со афроамериканско потекло Тамир Рајс.
Рајс бил убиен откако непознато лице пријавило дека на игралиштето си игра со „веројатно лажен пиштол“. На крајот се потврдило дека пиштолот е лажен.
Демонстрациите синоќа беа особено насилни во Оукленд, каде што биле уништувани полициски автомобили и продавници, а тензично било и во Минеаполис, каде што возач со својот автомобил се обидел да прегази една демонстрантка.
Учесниците на протестите ширум САД симболично ги подигаат рацете во вис пред американските полицајци, како за време на кинеските студентски протести на плоштадот Тјенанмен пред 25 години.
Слично
