Бурата „Фреди“ однесе во смрт над 60 луѓе
Бурата „Фреди“ викендов усмрти повеќе од 60 луѓе во Мозамбик и Малави.
Ова е вториот налет на истата бура што ја погоди јужна Африка во последниот месец. Светската метеоролошка организација вели дека бурата „Фреди“ е една од најсилните што некогаш се регистрирани на јужната хемисфера и може да биде најдолготрајниот тропски циклон. Таа го погоди центарот на Мозамбик во саботата. Голем број куќи останаа без покриви, а областа околу пристаништето Келиман доживеа поплави, по што бурата се упати кон Малави со поројни дождови што предизвикаа лизгање на земјиштето. Целосниот обем на штетата и точниот биланс на жртвите, особено во Мозамбик, не се јасни затоа што нема струја или телефонски сигнал во делови од погодената област. Бројот на загинати од циклонот „Фреди“ во Мозамбик, Малави и Мадагаскар, откако за првпат дојде на копното минатиот месец, сега е приближно 100. На населението му е потребна помош.
