Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бугарија спречи санкции од ЕУ за патријархот Кирил

Бугарија спречи санкции од ЕУ за патријархот Кирил

Патријархот Московски и на цела Русија Кирил и Вагит Алекперов, основач на руската нафтена компанија Лукоил, се изоставени од нацртот на 21-от пакет санкции против Русија од страна на Европската Унија, откако Бугарија и Италија се спротивставија на нивното вклучување на листата со санкции.

„Европска правда“, повикувајќи се на дипломатски извори од неколку земји од ЕУ, објави дека имињата на патријархот Кирил и Алекперов се отстранети од документот како дел од компромис со кој Брисел се обидува да обезбеди едногласна поддршка од сите 27 земји-членки.

Според медиумот, најконтроверзните прашања во новиот пакет се решени главно со омекнување на првичните предлози. Покрај изоставувањето на двајцата руски државјани, беа омекнети и одредбите со кои им се забранува влез на руските војници во ЕУ, како и одредени мерки поврзани со увозот на риба, течен природен гас и танкери што го транспортираат.

Бугарскиот премиер Румен Радев претходно изјави дека Софија нема да go поддржи санкционирањето на поглаварот на Руската православна црква, нагласувајќи ги религиозните, историските и културните врски меѓу Бугарија и Русија.

„Времето на крстоносните војни заврши“, рече Радев на 18 јуни, објаснувајќи го своето противење на санкциите против патријархот Кирил.

Софија, исто така, побара Алекперов да биде отстранет од листата, предупредувајќи дека мерките против основачот на Лукоил би можеле да го загрозат работењето на компаниите од таа група во Бугарија и дополнително да го комплицираат спорот вреден околу три милијарди евра што компанијата го води против бугарската држава.

Европската комисија предложи на почетокот на јуни патријархот Кирил да биде опфатен со лични санкции, но од самиот почеток беше неизвесно дали предлогот ќе ја добие потребната едногласна поддршка од земјите-членки.

Италија подоцна се придружи на противењето на Бугарија, додека Софија првично предупреди дека е подготвена да го блокира целиот пакет доколку контроверзните имиња не бидат отстранети.

И покрај постигнатиот компромис за патријархот Кирил и Алекперов, амбасадорите на земјите-членки не успеаја да се договорат за целиот 21-ви пакет санкции пред состанокот на министрите за надворешни работи во Брисел.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, потврди на 13 јули дека сè уште не е постигнат договор.

„Исто така, работиме на 21-ви пакет санкции, за кој сè уште немаме договор“, рече Калас, додавајќи дека министрите би можеле одделно да одобрат список од околу 250 руски граѓани, компании и организации.

Санкциите на ЕУ бараат да се усвои согласност од сите 27 земји-членки, што значи дека поединечните земји можат да го условат или блокираат усвојувањето на целиот пакет.


Слично

Поврзани вести