БРУТАЛНА РЕАКЦИЈА НА ГЕРМАНИЈА ПО ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД: Шолц предложи ригорозни мерки
Германскиот канцелар Олаф Шолц вети, за време на денешната посета на градот Солинген, каде три лица беа убиени во напад со нож изминатиот викенд, дека ќе ги засили депортациите и ќе ја намали нерегуларната миграција.
„Ова беше тероризам, тероризам против сите нас“, им рече Шолц на новинарите откако положи цвеќе на местото на нападот во спомен на жртвите, пренесува Ројтерс.
Нападот, за кој полицијата верува дека го извршил осомничен член на Исламска држава од Сирија, ги поттикна политичките тензии околу правилата за азил и депортација и насилниот криминал пред трите национални избори следниот месец.
- Ќе мораме да направиме се што можеме за да обезбедиме оние кои не можат и не смеат да останат во Германија да бидат вратени (во својата земја) и депортирани – рече Шолц.
Минатата година властите планираа да го депортираат осомничениот за прободувањето во петокот, 26-годишен Сириец, во Бугарија, но депортацијата беше неуспешна бидејќи човекот не беше во неговото сместување за бегалци кога властите се обидоа да ја спроведат мерката, според извештаи.
Како што напиша Шпигел, на забавата во петокот вечерта биле повредени осум лица, од кои четворица потешко.
Осомничениот, 26-годишниот Сириец Иса ал-Х., од синоќа е во притвор, под сомнение за убиство и под обвинение за припадност на терористичката група „Исламска држава“, која, според „Шпигел“, ја презела одговорноста за нападот и во неделата објави видео за кое се вели дека се гледа сторителот.
Се уште не е јасно кога е снимено видеото и дали осомничениот е извршител на нападот.
