Бројот на загинати во рускиот центар за воени иновации достигна 17
Бројот на загинати во пожарот во руски воен истражувачки институт минатата недела во западниот град Твер од првичните шест се искачи на 17, соопштија денеска локалните власти.
„За жал, официјално потврдениот број на загинати сега се искачи на 17“, се вели во соопштението на регионалните власти на Твер.
Во моментов таму се расчистува шутот од пожар кој избувна минатиот четврток во Централниот истражувачки институт на руските воздушно-космички сили во Твер.
Првичните информации укажуваат дека пожарот настанал поради оштетување на електричната инсталација, но официјална верзија засега нема.
Според Министерството за одбрана, институтот работи на истражувања поврзани со воздушната и вселенската одбрана на Русија, како и развој на нови противвоздушни системи.
