БРОЈОТ НА НОВИ СЛУЧАИ СЕ УДВОЈУВА НА СЕКОИ ЕДЕН И ПОЛ ДО ТРИ ДЕНА - СЗО кажа колку омикрон го зголемува бројот на заболени
Омикрон досега е евидентиран во 89 земји, а бројот на заболени се удвојува на секои 1,5 до 3 дена во областите каде имало локално пренесување, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО на тој начин потврди дека омикронот се шири значително побрзо од делтата.
Светската здравствена организација додава дека омикрон брзо се шири во земји со високо ниво на имунитет, но сè уште не е јасно дали тоа се должи на способноста на вирусот да го избегне стекнатиот имунитет, неговите високи нивоа на зараза или комбинација од двете.
„Сè уште немаме доволно податоци за да ја одредиме клиничката тежина на омикронот. Ни требаат повеќе информации за да утврдиме колку е сериозна оваа варијанта и како реагира на вакцинацијата и постоечкиот имунитет“, соопшти СЗО.
Светската здравствена организација предупреди дека болниците на некои места би можеле да бидат преполни поради ваквото брзо зголемување на случаите со Ковид-19.
„Бројот на хоспитализации во Обединетото Кралство и Јужна Африка продолжува да расте, а со оглед на брзиот пораст на бројот на случаи, можно е многу здравствени системи наскоро да се преоптоварат“, предупредува СЗО.
Омикронската варијанта „се шири со молскавична брзина“ во Европа и најверојатно ќе стане доминантна во Франција до почетокот на следната година, предупреди вчера францускиот премиер Жан Катекс.
Француските власти вчера во 23 часот ги затворија границите за туристите или деловните луѓе кои доаѓаат од Обединетото Кралство. Неколку часа претходно, Кастекс објасни како ќе се воведат овие ограничувања за патување за да се запре претстојниот бран на инфекции.
Дополнително, властите најавија дека ќе го намалат периодот меѓу примањето на втората и третата доза на вакцина против коронавирус на четири месеци, а доказ за вакцинација ќе биде неопходен за влез на одредени места во земјата, пишува Би-би-си.
Кастекс додаде дека поголемите јавни забави и огномети на новогодишната ноќ ќе бидат забранети и им препорача на луѓето, дури и вакцинирани, да се тестираат пред да се соберат на новогодишните забави.
За да се зголеми притисокот врз луѓето да се вакцинираат, владата на почетокот на следната година ќе поднесе предлог-закон со кој ќе се бара луѓето да се вакцинираат за да можат да влезат во ресторани или да користат јавен превоз на долги релации.
Според сегашните правила, неодамнешниот негативен резултат од тестот може да послужи како здравствена пропусница дури и без вакцинација.
„Не можеме да дозволиме одбивањето на малцинство Французи да се вакцинираат да влијае на животот на целата земја“, рече Катекс вчера во говор емитуван на телевизија.
Фото: ЕПА
