БРОЈАТ ЗАГУБИ: Тешки денови за германските банки!
Втората најголема германска банка, Комерцбанка, претрпе нето загуба од 288 милиони евра во третото тромесечие.
Загубата е последица од големо реструктурирање на бизнисот кој ќе предизвика отпуштање на речиси петтина од работната сила.
Профитот од работата на Комерцбанка во третото тромесечие изнесувал 429 милиони евра, што е за 5,0 отсто помалку на годишно ниво, но добивката ја „изедоа“ трошковите на реструктурирање.
Загубите настанале поради отпис на активи во вредност од 627 милиони евра поврзани со намалена трговска активност во областа на инвестиционото банкарство.
Во период од јули - септември лани, Комерцбанка имала нето профит од 235 милиони евра.
Оваа групација со седиште во Франкфурт претходно предупреди на можност за влез во загуби кога во септември најави 1,1 милијарди евра вредно реструктуирање, во рамки на кое ќе го намали тргувањето во инвестиционото банкарство и ќе го префрли фокусот на одделението за бизнис со население и претпријатија.
После најновото соопштение, акциите на Комерцбанка утрово паднале за 0,9 отсто на 6,01 евра, додека франкфуртскиот DAX 30 бил во минус од 0,7 отсто.
