БРОДОВИТЕ ПОЛНИ СО ЖИТО ЌЕ ИСПЛОВАТ ОД ОДЕСА: Руски воени бродови ќе ги придружуваат до Босфор
Москва ќе дозволи
бродовите со жито да ја напуштат Одеса. Руската влада планира да им дозволи на
бродовите што пренесуваат жито да го напуштат украинското пристаниште Одеса, наведуваат
медиумите, олеснувајќи ја блокадата што предизвика страв од недостиг и глад.
Руското раководство се договорило со Киев и Анкара за планот за деблокирање на пратките со жито од Одеса, пишува провладиниот весник „Известија“, повикувајќи се на владини кругови.
– Во територијалните води на соседната земја турските воени сили ќе преземат деминирање, а ќе ги надгледуваат и бродовите до неутрални води – се наведува во извештајот.
Руските воени бродови потоа ќе ги придружуваат бродовите со жито до Босфорот.
Овој потег доаѓа во време на пораст на цените на храната, откако војната на Москва против Украина доведе до големи турбуленции на светските пазари. Украина е еден од најголемите светски извозници на жито, а падот на нејзините испораки по руската инвазија тешко ги погоди африканските земји.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна ги прими Африканската унија и сенегалскиот претседател Меки Сал за да разговараат за ова прашање.
Путин негираше дека Русија е одговорна за високите цени, но рече дека е подготвен да ја олесни испораката на жито. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се очекува во среда во Анкара да разговара за ова прашање. По разговорите треба и официјално да биде одобрен планот за деблокирање на житото во Одеса, пишува „Известија“.
ФОТО: EPA/SERGEI ILNITSKY