Британските бизнисмени не сакаат земјата да е надвор од ЕУ
Конфедерацијата на британската индустрија, која е најголемата асоцијација на бизнисмени и предприемачи во Велика Британија, се изјасни категорично против излегувањето на земјата од ЕУ.
На својата денешна конференција, оваа асоцијација која е најголемиот вработувач во земјата, најави интензивирање на својата кампања за останување во ЕУ, нагласувајќи дека членството во Унијата е од „исклучителна важност за британските интереси“.
Според анализите што ги има направено ЦБИ, британското членство во ЕУ се проеценува дека вреди меѓу 62 и 78 милијарди фунти.
- За нас не е важна политичката реторика при определувањето за или против ЕУ, туку сознанието дека британскиот бизнис е недвосмислен околу тоа дека единствениот европски пазар е фундаментален за нашата иднина, изјави генералниот директор на ЦБИ, Џон Кридленд.
Определбата на Конфедерацијата на британскиот бизнис за останување на земјата во ЕУ доаѓа по најавите на премиерот Дејвид Камерон за преговори со Брисел, за враќање на дел од овластувањата што земјата веќе ги има дадено на ЕУ, како и за организирањето референдум за членството во Унијата до крајот на 2017 година, доколку неговата Конзервативна партија победи на следните парламентарни избори.
ЦБИ меѓутоа се повикува на својат анкета, направена пред денешната конференција, според која дури 78 отсто од британските фирми и компании бараат останување во ЕУ. Само десет отсто од членките на оваа асоцијација, се определени за напуштање на Унијата.
Британскиот бизнис е определен во тоа дека Велика Британија нема реална алтернатува на ЕУ, па затоа и бара останување во Унијата, со задржување на бенифициите за домашниот бизнис.
Членките на Конфедерацијата се согласуваат дека ЕУ има потреба од реформирање, а пред се од намалување на трошоците и за зголемување на отвореноста на пазарот и на неговата конкурентност, но за нив е најважно дека ЕУ е пазар со околу 500 милиони луѓе, од кој Велика Британија годишно носи по три илјади фунти за секое британско семејство.
Напуштањето на ЕУ би значело само губење на сите предности од членството и останување без секакво влијание на случувањата во Европа.
Во ЦБИ членуваат околу 240.000 поголеми и помали британски компании.
