Британски РАФ соборил повеќе од 100 ирански дронови и ракети над база во Ирак
Припадници на Кралските воздухопловни сили на Велика Британија, РАФ, пресретнале и уништиле повеќе од 100 ирански беспилотни летала и ракети за време на серија напади врз коалициска база во Ирак, соопштиле воени извори.
Според информациите што ги објави „Скај њуз“, базата, во чија заштита учествуваат и британските сили, во периодот на засилени тензии меѓу САД, Израел и Иран била изложена на речиси секојдневни напади. Во просек, кон објектот биле испраќани околу 28 дронови и ракети дневно, сè до постигнувањето привремен прекин на огнот.
Британските војници користеле системи за противвоздушна одбрана за пресретнување на заканите. Од Министерството за одбрана на Велика Британија посочиле дека нивната реакција спречила сериозни оштетувања на базата.
Британскиот министер за одбрана Алистер Карнс, при посетата на локацијата, изјавил дека одбранбените капацитети одиграле клучна улога во заштитата на објектот, кој бил меѓу најчесто напаѓаните коалициски бази во регионот.
Началникот на РАФ, Харв Смит, оценил дека случувањата на Блискиот Исток уште еднаш ја покажуваат важноста на системите за заштита од дронови. Тој најавил дека Велика Британија ќе ги разгледува можностите за дополнителни вложувања во противвоздушната одбрана.
Смит додал дека изградба на систем сличен на израелската „Железна купола“ за целата територија на Велика Британија би чинела исклучително многу, па затоа се разгледуваат решенија за заштита на клучни градови и важна инфраструктура.
Британските сили и понатаму се присутни во Ирак како дел од меѓународната коалиција, која со години делува во регионот, првично со фокус на борбата против Исламска држава.
