Британската премиерка се извини за грешките и откри дали ќе остане на функцијата
Економската политика
на Трас предизвика вистински хаос на финансиските пазари
Британската премиерка Лиз Трас се извини за „грешките“ во нејзината програма што доведе до пад на довербата на инвеститорите и нејзиниот рејтинг на одобрување на рекордно ниско ниво, но рече дека ќе остане на функцијата „во името на националниот интерес“ и вети дека ќе ја води Конзервативна партија на следните парламентарни избори, јавуваат Ројтерс и ДПА.
Овие изјави британската премиерка ги даде во интервју емитувано синоќа за Би-Би-Си.
„Сакам да преземам одговорност и да се извинам за направените грешки“, рече Трас, чиј мандат изгледа мачно по само шест недели на власт, забележува АФП.
„Ќе останам на мојата функција за да ги извршувам своите должности во име на националните интереси“, додаде таа.
„Мислам дека белегот на чесниот политичар е кога може да каже: „Да, направив грешка“, рече Трас, додавајќи: „Сакав да дејствувам за да им помогнам на луѓето со нивните сметки за енергија, да го решат проблемот со високите даноци, но отидовме предалеку, пребрзо. Тоа го признавам. Назначив нов министер за финансии со нова стратегија за враќање на економската стабилност“.
„Ќе беше целосно неодговорно од моја страна да не постапив во име на националните интереси на начинот на кој постапив. Правилно беше да се смени политиката“, се правдаше британскиот премиер.
Новиот министер за финансии Џереми Хант, беше назначен во петокот откако Трас го разреши нејзиниот близок соработник Квази Квартенг, кој вчера се повлече од останатите клучни штици од програмата за намалување на даноците на премиерот, вклучително и намалувањето на нејзината масовна шема за енергетска помош.
Економските политики на Трас предизвикаа хаос на финансиските пазари, при што фунтата падна на историски најниско ниво, владините каматни стапки достигнаа највисоко ниво во последните 30 години, а вредноста на државните хартии од вредност достигна најниско ниво во последните 19 месеци.
Финансиските превирања на крајот доведоа до разрешување на Квартенг и назначување на Хант за шеф на Министерството за финансии.
Фото: Youtube - screenshoot
