Британската кралица повика на единство по референдумот во Шкотска
Британската кралица Елизабета Втора ги повика граѓаните на Обединетото кралство на единство, да бидат заедно во духот на заемно почитување и поддршка. Ваквата порака ја упати откако вчера шкотските граѓани на референдумот гласаа против отцепување.
Кралицата во моментов се наоѓа на својот имот во шкотското место Балморал и се обрати за да го прокоментира исходот на референдумот што се закани да ја подели заедницата стара 300 години, со која таа владее.
„Познавајќи го народот на Шкотска, како што го познавам, немам сомнение дека Шкотите, како и другите во Обединетото Кралство, се во состојба без задршки да го изнесат своето мислење, а потоа повторно да бидат заедно во дух на заемно почитување и поддршка“, вели кралицата во писменото соопштение.
Таа истакна дека по гласањето има силна чувства и поделени емоции, но со референдумот се победени сепаратистите. „Се е тоа во духот на демократската традиција каква што ужива оваа земја. Но немам сомнение дека таквите емоции на крајот ќе прераснат во разбирање за чувствата на другите луѓе“, порача 88-годишната кралица.
Таа ги повика сите да работат на иднината на Шкотска и на сите делови на земјата, а вети дека монархијата ќе направи се за да помогне во оваа задача.
Слично
