Економија, финансии, бизнис

Контакт

Британија со катастрофални позиции ги почнува Брегзит преговорите

Британија со катастрофални позиции ги почнува Брегзит преговорите

Велика Британија со катастрофални политички позиции в понеделник ќе ги започне преговорите за излез од Европската Унија. Ова доаѓа откако британската премиерка не успеа на предвремените парламентарни избори да добие доволна поддршка од гласачите за начинот на кој ќе се спроведе „Брегзитот“. Исто така проблематично е што кај Тереза Меј нема јасна визија каков вид на договор посакуваат со ЕУ чии предводници како Доналд Туск сакаат да наметнат остри позиции со што ќе се испрати јасна порака до останатите земји членки воопшто и да не помислуваат да ја напуштат унијата. 

Главниот преговарач на ЕУ во разговорите со Британија за Брегзит, Мишел Барние изјави дека малкумина се оние кои се на високи функции, кои им објаснуваат на Британците, што всушност значи напуштањето на Унијата и што тоа на крајот може да донесе.

Во разговор за лондонскиот неделник „Економист“ Барние вели дека се загубени 2,5 месеци откако премиерот Тереза Меј го покрена членот 50 од Лисабонската спогода, покренувајќи го и формално процесот за раздружување.

Преговорите, конечно, почнуваат в понеделник, 11 денови по предвремените парламентарно избори во Британија, што Меј неочекувано ги закажа, но на кој наместо да го зацврсти мнозинството, го загуби и она што го имаше, па сега ќе управува со малцинска влада.

Барние одбива да ги коментира најновите состојби на политичката сцена во Британија, освен што вели дека сака на преговарачката маса да се најде британска делагација која има цврст мандат да преговара.

Европската страна, според весникот, проценува дека во Лондон се уште нема јасна претстава што се сака од овие преговори.

Велика Британија ќе има две години да ги расчисти сите односи со Европската Унија кои се градени повеќе од четири децении и не е јасно во каква положба ќе заврши по преговорите кои може да завршат на штета на британските граѓани.


Слично

Поврзани вести