Британија се откажува од претседателството на Советот на ЕУ
Британија се откажува од ротирачкото претседателство на Советот на ЕУ во 2017 година, објави кабинетот на британскиот премиер Тереза Меј, цитиран од Ројтерс и медиуми.
Истовремено Меј изјави дека има намера да разговара отворено и искрено за Брегзит со лидерите на Германија и Франција при првата посета во странство откако ја презеде функцијата.
Денес таа ќе се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин, а утре - со францускиот претседател Франсоа Оланд во Париз.
Меркел ќе ја пречека Меј со сите воени почести во зградата на кабинетот на канцеларката во центарот на германската престолнина, по што двете ќе имаат работна вечера.
„Решена сум излегувањето на Велика Британија од Европската унија да е успешно и затоа решив да го посетам Берлин и Париз толку брзо откако ја презедов функцијата“, вели во изјава новиот британски премиер.
Се очекува Меј да им каже на Меркел и Оланд дека ќе биде потребно извесно време за да се подготват официјалните преговори за Бреззит, рекоа од нејзината канцеларија.
„Не го потценувам предизвикот да се преговара за излез од ЕУ и цврсто верувам дека можноста да разговарам отворено за проблемите пред нас ќе биде важен дел од успешните преговори“, изјави британскиот премиер.
Сакам да испратам јасна порака за важноста која ја придаваме на билатералните односи со нашите европски партнери не само сега, а и откако ќе ја напуштиме ЕУ, додаде Тереза Меј.
