Бриселскиот аеродром Завентем отворен за патниците
Првите закажани летови се за попладне, авионите ќе летаат за Фаро, Торино и Атина.
По 12 дена од крвавите напади во Брисел, при што загинаа 35 лица, денеска аеродромот повторно ги отвора вратите.
„Тоа отварање, дури и само делумно, е знак на надеж"- изјавија од аеродромот.
Летови има попладне и патниците ќе се упатат кон Фаро, Торино и Атина. Пристапот до авионите сепак ќе се одвива по исклучително строги проверки. Од аеродромот најавија дека сите патници ќе користат привремен објект за регистрација. Причината е што главната сала за заминување е уништена по експлозиите на 22 март. Тој ден околу 9 часот на аеродромот Завентем во Брисел избувна двојна експлозија. Околу еден час потоа имаше и друга експлозија на метростаницата Малбек во Брисел, која се наоѓа во близина на европските институции во градот.
Во нападите 35 лица загинаа, а над 150 беа повредени. Одговорноста за нападите во Брисел ја презеде Исламска држава.
