Брисел сака посилна „шпионска мрежа“, националните служби скептични: Партнери сме, но не и пријатели
Европската унија сака да ја зајакне својата разузнавачка структура, но планот на Брисел веќе наидува на отпор кај дел од земјите членки. Причината е старата дилема во европската безбедност: колку националните служби се подготвени да ги споделуваат најчувствителните информации со европските институции.
Според информации на „Политико“, во Брисел се разгледува проширување на улогата на Европскиот разузнавачки и ситуациски центар, познат како ИНТЦЕН. Центарот функционира во рамки на Европската служба за надворешно дејствување и подготвува анализи врз основа на информации што доброволно ги доставуваат националните служби.
Планот предвидува ИНТЦЕН да добие сопствен оддел за човечки ресурси и посебна ИТ-инфраструктура. Со тоа центарот би добил поголема тежина во институциите на ЕУ.
Идејата е дел од поширока безбедносна реформа, со која Унијата сака подобро да се справува со кибернапади, саботажи, хибридни закани, економски ризици и нарушувања во синџирите на снабдување.
Но, дел од земјите членки не гледаат со доверба на ваквата амбиција на Брисел. Националните разузнавачки служби и натаму внимателно избираат што споделуваат, особено кога станува збор за највредни информации.
„Ние сме партнери, но не сме пријатели“, изјавил еден европски разузнавачки функционер за „Политико“, објаснувајќи ја недовербата меѓу службите.
Слични резерви имаат и дел од шефовите на националните служби. Тие предупредуваат дека разузнавањето останува национална работа и дека ЕУ, според постојните договори, нема овластување да управува со безбедносните служби на земјите членки.
Затоа, Брисел засега оди по повнимателен пат. Наместо создавање класична европска шпионска агенција, се разгледува административно зајакнување на постојниот центар. Тоа би ѝ дало на ЕУ поголем капацитет за анализа, но без директна контрола врз националните разузнавачки служби.
