БРИКС признаа: Тероризмот претставува закана за економијата
Индискиот премиер Нарендра Моди изјави дека лидерите на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) ја признале заканата на која тероризмот ги изложува економиите ширум светот, пренесе Ројтерс.
Спонзорите на тероризмот се „закана за нас, колку и самите терористи“, рече Моди во финалното обраќање пред новинарите по дводневниот самит на БРИКС во индиското одморалиште Бенолим, државата Гоа.
Освен што се ангажираат да се борат со прекуграничниот тероризам, лидерите на петте земји донеле решенија за создавање на рејтинг агенција и зајакнување на борбата против затајувањето на даноци, станува познато од усвоената финална декларација, цитирана од светските агенции.
Кинескиот претседател Си Џинпин истакна дека светската економија останува кревка.
Моди е единствениот кој може да се гордее со економските резултати на земјата. Меѓународниот монетарен фонд прогнозира раст од цели 7,6 проценти на индиската економија за 2016/2017 година.
Русија и Бразил неодамна паднаа во рецесија - состојба која минатиот месец Јужна Африка успеа да ја избегне. Што се однесува до Кина, долгогодишен мотор на светската економија, нејзиниотт раст сериозно се забави.
Индискиот премиер изјави дека е од витално значење земјите од БРИКС да го подобрат нивото на соработка, повикувајќи на укинување на трговските бариери и за развој на инфраструктурата.
Рускиот претседател Владимир Путин, исто така, повика на поголема соработка, особено во електронската трговија и вселенеските истражувања.
Тој прокоментира дека заедничкиот интерес на БРИКС од решавање на комплексни проблеми инспирира оптимизам, пренесе ТАСС. Според него во основата на интересите на групата се сличностите во нивните економии и задачите со кои се соочуваат.
Рускиот лидер потсети дека БРИКС веќе има сопствена банка, фонд за национални валути, чиј обем ќе се зголемува, како и дека се планира да бидат создадени обединети технички стандарди и царинска соработка.
Путин исто така, објави дека Русија и Индија ќе работат за зголемување на обемот на ракетите „Брамос“ и за создавање на авиони од петтата генерација.
Покрај декларацијата во која БРИКС ја потврди централната улога на ОН во мултиполарниот свет и се прогласи за мирно решавање на конфликти, лидерите прифатија и заеднички план за акција за нејзино спроведување, која ја конкретизира работата на организацијата за следната година.
Одобрен е Меморандум за разбирање за воспоставување на платформа за земјоделско истражување, позиција на Комитетот за царинска соработка во БРИКС, како и меморандум за разбирање меѓу дипломатските академии на петте земји членки.
Групата БРИКС, која има удел од 53 проценти од населението на планетата и околу 16 трилиони долари БДП, беше формирана во 2011 година како противтежа на Западот, потсетува АФП.
