Бренсон објави вознемирувачко писмо кое го добил од Трамп
Британскиот милијардер Ричард Бренсон откри детали од долгогодишниот судир со сегашниот претседател на Америка Доналд Трамп.
Во својата нова книга "Finding My Virginity" Бренсон објави писмо кое го добил во 2004 година од тогашниот американски претпримач.
Трамп писмото го упатил на сопственикот на бизнис групата „Вирџин“ по покренувањето на шоу програмата „Branson's quest for the best“, формат како серијата на Трамп во која неколку кандидати се натпреваруваа во желба да добијат работа кај финансискиот магнат.
„Лошиот рејтинг на вашата емисија ќе ви помогне сега да се сконцентрирате на својата авио-компанија на која, јас верувам, и е потребен секој атом на вашата енергија“, стои во писмото кое Трамп му го упатил на Бренсон.
„Очигледно дека се работи за кататрофален бизнис и не можам да замислам дека можете подобро да поработите на тоа од било кој друг. Како телевизијата, би требало да ја напуштите работата и со авио-компанијата што е можно поскоро. Всушност, се прашувам како можете да бидете милијардер и така да работите. Можеби името на вашата емисија „The Rebel Bilionaire“ е погрешно?“, се додава во писмото.
„Во секој случај, немојте да ме користите како би го промовирале своето ниско рангирано шоу-голем дечко сте, обидете се тоа сами!“.
Тоа не бил единствениот нивен судир. Во 2016 година, пред изборите во САД, Бренсон на својот блог јавно ги повика Американците да не гласаат за Трамп.
Во тој текст милијардерот опишал чуден состанок кој го имал со Трамп на кој, како наведува, тогашниот кандидат за американски претседател говорел само за плановите да „уништи“ пет личности кои одбиле да му позајмат пари.
„Она што најмногу ме загрижува,врз основа на искуството кое го имам со Трамп, е неговиот одмазднички карактер кој би можел да биде многу опасен доколку тој биде оној кој ќе се најде во Белата куќа“, напиша Бренсон.
Тој исто така неодамна Трамп го нарече „срам за светот“.
