„Братот ми го убија лажни муслимани“
Во нападот на сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“ загинаа 12 лица меѓу кои и еден полицаес од муслиманска вероисповед, Ахмет Мерабат.
Медиумите му се обратија на неговиот брат, Малек Мерабат, кој апелирал на зачувување на мирот, заедништво и толеранција.
„Мојот брат беше муслиман, а него го убија двајца терористи, двајца лажни муслимани. Исламот е религија која шири мир и љубов. Мојот брат беше премногу горд на своето потекло и своето име, како и на тоа што го работи. Ги бранеше вредностите на Франција, слободата, еднаквоста и братството“, навел Мерабат.
Тој додал и дека Франција се бори против екстремизмот, а не против граѓаните од муслиманска вероисповед.
„Им се обраќам на сите расисти, исламофобисти и антисемитисти. Никој не смее да меша екстремисти со муслимани. Бесните луѓе немаат ни боја ни религија. Немојте да ги напаѓате џамиите и синагогите, немојте да напаѓате луѓе, бидејќи тоа нема да ги врати нашите мртви и нема да ги смири семејствата на жртвите“, нагласил тој.
Смртта на полицаецот Ахмед Мерабат го потресе целиот свет. Моментот на неговото убиство беше снимен со камера, а во снимката се гледа дека со подигната рака сакал да ги замоли браќата Куаши да не го убиваат.
Слично
