БОЖИКНИТЕ И НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ СЕГА ВО СЕНКА НА ОМИКРОН: Само вакцините нема да помогнат ниту на една земја да излезе од кризата
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер
Лајен, најави дека експертите предупредуваат дека веќе во јануари сојот омикрон
може да стане доминантна варијанта на корона вирусот во ЕУ.
Сигурна е, како што вели, дека членките ќе успеат да го надминат новиот бран, бидејќи 66 отсто од граѓаните на ЕУ се целосно вакцинирани.
„Како и сите вие, и јас сум тажна што и овој Божик ќе биде засенет од корона вирусот“, изјави Фон дер Лајен.
Европскиот центар за превенција на болести предупреди дека вакцината можеби нема да биде ефикасна во спречувањето на оваа варијанта. Д-р Андреа Амон, директор на Агенцијата за јавно здравје, рече дека е извесно дека тоа ќе доведе до ширење на инфекција со коронавирус.
- Многу е извесно дека зголемувањето на случаите со омикрон ќе доведе до зголемување на бројот на хоспитализирани и починати – рече Амон.
Таа ги повика државите да се обединат за да го намалат преносот на вируси и да го олеснат товарот на здравствениот систем. Експертите на СЗО предупредија дека варијантата омикрон се шири побрзо од претходните и ги повикаа земјите ширум светот да ги искористат сите расположливи механизми во борбата против пандемијата.
– Мораме да бидеме многу јасни, само вакцините нема да и помогнат на ниту една земја да излезе од оваа криза – изјави директорот на СЗО, Тедрос Адана Гебрејсус. Мора да ги користиме сите достапни мерки и маски, социјална дистанца, вакцинација и дезинфекција на рацете, додаде тој, пренесува Еуро њуз.
Тој уште еднаш укажа на проблемот со нееднаквоста во однос на достапноста на вакцините, бидејќи многу сиромашни земји се уште не почнале да ги вакцинираат своите граѓани. Гебрејсус рече дека давањето дополнителни дози на оние со низок ризик ќе ги загрози животите на оние кои се изложени на висок ризик да развијат тешка клиничка слика, а кои сè уште не примиле ниту прва доза.
- Ако ставиме крај на нееднаквоста, ќе ставиме крај на пандемијата. Ако дозволиме да продолжи, ширењето на пандемијата ќе продолжи. Досега 77 земји официјално го регистрирале сојот омикрон, но реалноста е дека тој веројатно се проширил во многу земји, но тие се уште не успеале да го регистрираат – рече Гебрејесус.
