Борел вели дека ако треба Европа ќе мора воено да се брани
Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел вели дека светот станал опасно место.
Објаснува дека ЕУ е економска велесила, но не и воена. Борел изјави дека членките мора да разберат дека во случај на потреба, Европа треба да биде во можност да се брани и дека треба да има алатки. Тој во интервју за виенскиот дневен весник „Кронен цајтунг“ вели дека тоа не мора да биде војската на ЕУ. Рече дека ниту една од 27-те армии нема да биде заменета со една европска армија.
„Само треба да ги обединиме нашите сили, да ги координираме и подобро да инвестираме во одбраната. Ништо повеќе. Ние трошиме за одбрана колку Кина и четири пати повеќе од Русија. Поради должничката криза, влеговме во фаза на разоружување. Затоа не можеме да се соочиме со сегашните предизвици како што треба. Ефикасноста е клучниот збор, во спротивно тоа е само губење пари“, објасни Борел.
За тоа дали предупредувањата на Полска и балтичките земји за опасност од руска агресија не се сфатени сериозно, Борел рече дека историјата и географијата се од големо значење за разбирање на кризата.
Откако почна руската инвазија на Украина на 24 февруари, руски политичари се заканија на неколку европски земји, затоа што ја бранат Украина.
