Болниците им се полни, училиштата затворени, но не поради коронавирусот
Во индиската престолнина Њу Делхи, болниците се полни, училиштата затворени, но не поради коронавирусот, туку поради загадениот воздух. Сè повеќе деца во Њу Делхи завршуваат во болници поради отежнато дишење.
Властите наредија училиштата и колеџите да бидат затворени на неодредено време, откако Врховниот суд ја критикуваше одлуката на градската администрација за отворање образовни институции, иако воздухот е „со многу слаб квалитет“.
„Забраната за градежни работи и влез во градот за камиони со дизел мотори кои превезуваат несуштинска стока ќе остане на сила“, изјави Гопал Раи, градски министер за животна средина, шуми и развој на дивиот свет.
Раи ги повика граѓаните да користат јавен превоз. Властите во Њу Делхи изнајмија дополнителни 700 автобуси со природен гас за да ги поттикнат луѓето да го користат системот за јавен превоз.
Ова не прв пат поради аерозагадувањето да се затворат училиштата во Њу Делхи.
Њу Делхи денеска е најзагаден град на светот, според податоците објавени на air visual. Втор е Лахоре во Пакистан, а трет е индискиот град Калкута.
