Блинкен: Русите да се запрашаат зошто губат толку животи, обидувајќи се да одземат земја што не е нивна
Уште една прогноза дека војната во Украина нема брзо да заврши.
Американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен денеска изјави дека војната во Украина „веројатно ќе потрае значителен временски период”. Вели дека „Украина постигнува вистински, видлив напредок во контраофанзивата, во обид да врати делови од земјата кои беа окупирани од Русија”, пренесува Си-Ен-Ен.
Вели дека Русите мора да се запрашаат зошто губат толку многу животи, обидувајќи се да одземат земја што не е нивна.
„Русија сега има значителни воени ресурси. Таа спроведува ужасни, неселективни акции. Украинците плаќаат висока цена. И сега на првата линија на фронтот, во и околу областа Керсон, дури и додека напредуваат, тие ја плаќаат цената. Но, тие се борат за својата татковина”, вели американскиот шеф на дипломатијата.
Тој смета дека Русите на крајот ќе сфатат што значи оваа инвазија за нив.
„Како тоа што го прави Путин ги подобрува нивните животи? Како тоа им помага? Каква иднина ќе имаат, какви можности ќе имаат? Никакви, токму спротивното. Путин ја отсекува Русија од светот. Тој ги исцрпува ресурсите што му се потребни на рускиот народ”, рече Блинкен.
Тој додаде дека „нема проток на информации во општеството на Путин”. Војната почна на 24 февруари.
Украинските сили напредуваат во Керсон и Харкив, вели американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.Фото: EPA-EFE/MIKA SAVOLAINEN
