Благ пораст на индексите на „Wall Street“
Берзанските индекси благо пораснаа вчера на „Wall Street“, најмногу благодарејќи на скокот на цените на акциите во енергетскиот сектор, бидејќи поради сириската криза пораснаа цените на нафтата.
Така, индексот Dow Jones зајакна за 0,33 отсто, на 14.824 поени, додека индексот S&P 500 порасна за 0,27 проценти, на 1.634 поени, а индексот Nasdaq за 0,41 отсто, на 3.593 индексни поени.
На европските берзи во средата цените на акциите, пак, паднаа, па така индексот на берзата во Лондон FTSE ослаби 0,17 отсто, на 6.430 поени, франкфуртскиот индекс DAX се лизна за 1,03 отсто, на 8.157 попени, а парискиот индекс CAC за 0,21 отсто, на 3.960 индексни поени.
Растот на индексите намногу е благодарение на скокот на цените на акциите во енергетскиот сектор за 1,8 отсто, бидејќи поради стравувањата дека сириската криза ќе го наруши снабдувањето со нафта од Блискиот исток, цената на нафтата го достигна највисокот ниво во последните шест месеци.
На лондонскиот пазар цената на барел сирова нафта во средата се проби над 117 долари, првпат по шест месеци. На американскиот пазар, пак, терминската цена на барелот скокна за цел долар, на 109,90 долари, а во еден момент ја достигна највисоката граница од половината на 2011 година. Во последните два дена цената на нафтата се зголеми за повеќе од 5 отсто, бидејќи е сé поизвесен нападот на американските и сојузничките сили врз Сирија.
„Доколку сакате да се обезбедите од ризикот во врска со Блискиот исток, нафтата е вистинското место", вели за „Reuters“ Џим Мекдоналд, стратег во фондот „Northern Trust Global Management", објави „Макфакс“.
И додека растот на цените на нафтата позитивно делуваше на енергетскиот сектор, цените на акциите на воздухопловните компании значително паднаа, бидејќи значително им се зголемуваат трошоците на работењето. Така индексот NYSE Arca на воздухопловниот сектор ослаби во средата за уште 0,8 отсто, откако ден претходно потона за 4 отсто.
Меѓу губитниците се најде и градежниот сектор, откако беше објавено дека продажбата на постојните куќи во јули во САД паднала втор месец по ред, и тоа значително повеќе отколку што се очекуваше.
„Тие податоци покажуваат дека растот на цените на недвижнините и на каматите на хипотекарните кредити почна да ја подјадува продажбата, што е разочарувачки", смета Мекдоналд.
Со вчерашниот раст, индексите само делумно ги надоместија загубите од претходните денови, а малку е веројатно дека пазарите ќе се опорават следните денови, бидејќи сириската криза, можноста за намалување на поттикнувачките монетарни програми на американската централна банка и анемичните макроекономски податоци ги држат инвеститорите на претпазливост, објави „Макфакс“.
