Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бездомник добил на лотарија, речиси сите пари ги дал за добротворни цели

Бездомник добил на лотарија, речиси сите пари ги дал за добротворни цели
Во септември, Ласло Андрашек од Унгарија ги дал своите последни пари за да купи лото ливче. Тоа можеби не беше најпрактична одлука, со оглед на тоа што Андрашек бил невработен, „до гуша“ во долгови и живеел на улица. Но иако можеби не беше рационална одлука, на крајот сепак му се исплати. Андрашек добил три милиони долари, една од највисоките лото премии исплатени во Унгарија. Што може да направи со толку пари човек што до вчера немал ништо? За Андрашек одговорот бил едноставен - да им помогне на другите кои имаат потреба. Добивката на лото во Унгарија поминала релативно незабележано се додека овој месец не било регистрирано дека Андрашек дал огромна донација за хостел за бездомници. Со парите тој има намера да отвори и фондација за зависници и за жени-жртви на семејно насилство. Андрашек, кој и самиот се борел со зависноста од алкохол, е решен да не потроши ниту долар на непоретебен луксуз и да ја искористи добивката за да им помогне на другите. „Станав богат, но не станав друга личност. Можам да купам телевизор со голем екран, затоа што можам да си го дозволам тоа, но нема да купам три само затоа што имам пари“, рекол Андрашек за „Гардијан“. И додека потегот на Андрашек ја трогна јавноста, официјалната политика во Унгарија се разликува многу по ова прашање. Оваа земја неодамна усвои нов закон со кој практично се криминализираат бездомниците - оние кои не можат да најдат место во прифатен центар, мора да се кријат за да не бидат уапсени за спиење на улица. Во Унгарија во моментов околу 30.000 луѓе живеат на улица, а за сите нив нема место во прифатните центри отворени од државата.
Слично

Поврзани вести