БЕШЕ СОВЕТНИК НА ЈАНУКОВИЧ: Напаѓачи го убија во Мадрид
Советник на поранешниот украински претседател, Виктор Јанукович е убиен во Мадрид.
Поранешниот украински политичар Андриј Портнов, некогаш близок соработник на прорускиот поранешен претседател Виктор Јанукович, е застрелан пред училиште во близина на шпанската престолнина Мадрид, потврди извор од шпанската национална полиција за Си-Ен-Ен.
„Скај њуз“ објави дека Портнов ги оставал своите деца во Американското училиште во Мадрид кога е убиен. Во него пукале повеќе напаѓачи. Го застрелале во грбот и главата, а потоа напаѓачите избегале кон блиската шума.
Од 2021 година, Портнов е под санкции на САД за корупција и мито според таканаречениот Закон Магнитски.
Портнов ја напуштил Украина неколку месеци по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, и покрај забраната за патување за мажи на воена возраст, покажа истрагата на Радио Слободна Европа/Радио Либерти. Во 2014 година, Канада ги замрзна неговите средства како дел од мерките против „корумпирани странски службеници“, осврнувајќи се на неговата тогашна советодавна функција на Јанукович.
Во 2010 година, Портнов беше назначен за заменик-шеф на претседателската администрација и началник на Главната администрација за судска реформа и судски систем. Тој беше член на одборот на Народната банка на Украина.
