Бер Грилс ќе го снима преживувањето на Украинците во Киев, Зеленски му се заблагодари
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му се заблагодари на британскиот авантурист, ТВ водител и писател Бер Грилс за неговата посета на Украина.
„Бар Грилс, ви благодариме за оваа посета на Украина! Важно е светот да ја слушне вистината за борбата на Украинците за нивната слобода и демократија, за ракетниот терор на агресорот врз нашиот народ!“ напиша Зеленски на Телеграм.
Грилс по средбата со Зеленски објави дека ќе го снима преживувањето на Украинците во метрополата.
– Добив многу повеќе. Шоуто доаѓа наскоро… Преживувањето на милиони луѓе е вистинска секојдневна борба во земја која влегува во зима, а нејзината инфраструктура е нападната. Преку ова специјално шоу, светот ќе ја види страната на претседателот Зеленски којашто никогаш досега не била прикажана, нагласи тој во најавата за следната негова емисија.
Зеленски неодамна му понуди на извршниот директор на Твитер, Илон Маск, да ја посети Украина за да ги отвори очите на светот за тоа низ што поминува нацијата додека е погодена од руските сили. Поканата дојде откако Маск предложи мировен план кој сугерираше дека Украина треба да заземе неутрален став.
