Белгискиот премиер Де Вевер: Не сум играч на Русија, ама соседи ми се Депардје и Асад
Белгискиот премиер Барт де Вевер зборуваше во Брисел за време на паузата на вториот ден од Европскиот совет, исмејувајќи ги медиумите кои го нарекоа „руски играч“ поради отфрлање на европскиот план за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на Украина.
Де Вевер посебно се осврна на Политико, кој постојано го критикуваше белгискиот премиер за неговата одлука да не го поддржи планот.
„Објавивте неколку многу убави статии со многу убави наслови, тврдејќи дека јас сум највредниот имот на Русија. Особено ми се допаѓа тој. Ќе го паметам тоа“, рече Де Вевер.
Тој продолжи велејќи дека несогласувањата меѓу земјите-членки на ЕУ се сосема нормални и очекувани.
„Секогаш има поделби на европската маса. Ова е Европа. 27 земји, различни интереси, различни јавни мислења, поблиску до Русија, подалеку од Русија. Не играме сите иста игра. Но, на крајот, одлуката се донесува со едногласна поддршка“, рече тој.
Белгискиот премиер додаде и дека е пронајдено решение за финансирање на Украина, дури и со исклучок на три земји кои нема да ја финансираат, пред да се потсмева на тврдењата на европските медиуми.
„А сега морам да одам во мојата дача (име за викендичка во Русија, ур.) во Санкт Петербург, каде што Депардје ми е сосед, а Асад е преку улица. И мислам дека би можел да станам градоначалник на тоа мало село. Можеби тоа би можела да биде вашата титула“, рече тој.
