Белфаст во хаос по напад со нож, осомничениот е мигрант од Судан
Немирите во Белфаст продолжија и денеска по нападот со нож во кој 40-годишен маж беше тешко повреден. По нападот, во градот избувнаа антимигрантски протести кои прераснаа во насилни нереди, јавуваат британските медиуми.
Полицијата распореди дополнителни сили во главниот град на Северна Ирска, откако демонстранти запалија автобус, автомобили и повеќе објекти. Дел од жителите биле евакуирани од зграда оштетена од пожар, а во неколку делови од градот биле забележани маскирани лица.
Властите соопштија дека 30-годишен маж е обвинет за обид за убиство за нападот што се случил во понеделникот навечер. Тој се соочува и со обвиненија за поседување нож на јавно место и за упатување закани по живот.
Според британски „Телеграф“, осомничениот е судански државјанин на кој му бил одобрен престој во Велика Британија, откако претходно влегол преку Ирска.
Повредениот маж е хоспитализиран со тешки повреди. Полицијата соопшти дека е отворена истрага за утврдување на мотивот за нападот.
Поради немирите, повеќе деловни објекти биле затворени порано, јавниот превоз бил во прекин, а дел од патиштата биле блокирани.
Полициската служба на Северна Ирска повика на смиреност и апелираше граѓаните да не преземаат насилни дејствија додека трае истрагата.
