Белата куќа: Не ни треба одобрение од Русија за да летаме над меѓународните води
Од Белата куќа по судирот на рускиот авион и нивни дрон над Црното море соопштија дека ако целта на Русија е да не летаат таму, тоа нема да се случи.
Стејт департмент го повика рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, во врска со инцидентот над Црното Море, информира шефот на прес-службата на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс.
„Во директна комуникација сме со руската страна на високо ниво за да го изразиме нашето незадоволство во врска со небезбедното пресретнување што доведе до соборување на американскиот дрон. Го повикавме рускиот амбасадор во Стејт департментот каде ќе испратиме соодветен сигнал“, рече Прајс.
Вашингтон изразил загриженост.
Координаторот за стратешки комуникации на Белата куќа Џон Кирби изјави дека САД ќе продолжат да летаат над Црното Море и покрај инцидентот.
„Летаме во овој воздушен простор веќе една година, ќе продолжиме да го правиме тоа и не ни треба одобрение од Русија за да летаме над меѓународните води. Ако целта им е да испратат порака дека сакаат да не спречат да летаме над Црното Море , тоа нема да се случи“, рече Кирби.
Американскиот претседател Џо Бајден е информиран за инцидентот. Командантот на заедничките сили на НАТО во Европа, Кристофер Каволи, ги информирал сојузниците на Алијансата за воздушен инцидент во кој учествувале руски Су-27 и американско беспилотно летало МК-9 над Црното Море, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на извор од НАТО. Moсква засега молчи за настанот.
