Бегалците ја напуштаат Австрија – не ги оправдала нивните надежи
Бегалците од Косово, Ирак и Авганистан почнаа да ја напуштаат Австрија поради тоа што нивните очекувања во оваа земја не се оправдале. Според мигрантите тие мислеле дека грижата за нив ќе биде организирана на повисоко ниво, а процесот на добивање на бегалски статус ќе биде полесен, пишува „The Local“.
Претставникот на добротворната организација „Caritas“, Мартин Гантнер појаснува дека бегалците се враќале дома поради страв од „депортација и понижување“, а други пак имале различни претстави за Австрија и Европа како целина.
„Тука има толку многу неизвесност за нив, многу бегалци се трауматизирани и имаат потреба од чувство за безбедност“, додава тој.
Според „The Local“ тоа се потврдува и од податоците на Министерството за внатрешни работи на земјата. Во периодот од јануари до ноември оваа година доброволно ја напуштиле Австрија околу 1100 Косовари 530 Ирачани и 120 Авганистанци. За споредба во 2014 година во татковината се вратиле само двајца бегалци од Ирак, девет од Авганистан и еден од Иран.
„Овој тренд стана најмногу забележлив кон средината на септември“, изјавил портпаролот на Министерството, Карл-Хајнц Грундбек.
Шефот на виенската асоцијација за заштита на човековите права Гинтер Екер забележува дека трендот ќе се зачува во блиска иднина.
„Многу Ирачани велат дека очекувале подобра социјална заштита тука, многумина исто немаат поим колку ќе трае процесот на добивање на бегалски статус. Тие дури и не замислуваат дека нивните семејства не можат да се приклучат кон нив дури по една година, дури и повеќе“, појаснува Екер.
„The Local“ забележува дека бидејќи Косово се смета за прилично безбедна земја, шансата за добивање на азил не е голем, но за мигрантите од Ирак и Авганистан овој процес е малку по сигурен.
Во 2015 година во ЕУ се појави криза поради прилив на бегалци. Најмногу мигранти пристигнуваат од Сирија, каде од 2011 година има граѓанска војна. Оттогаш, повеќе од 507 000 Сиријци побарале азил во европските земји. Според податоците на ОН во 2016 година миграцискиот бран во ЕУ може да се зголеми двојно, а според податоците на ЕУ - тројно.
