Бегалците „го јадат“ рејтингот на Меркел
Популарноста на германската канцеларка Ангела Меркел во земјата се намалува за прв пат до четвртото место меѓу политичарите, објави германското списание „Spiegel“, повикувајќи се на две студии -„TNS Forschung“ и „ZDF Politbarometer“.
Популарноста на Меркел паѓа драстично поради начинот на управување на кризата со бегалците, коментира „Ројтерс“.
Меркел е обвинувана од сојузниците во Баварија, влезна точка за повеќето мигранти - и некои источноевропски земји од ЕУ, за промовирање на прилив на луѓе, давајќи им зелено светло да пристигнуваат во Германија. Според последните официјални информации Берлин очекува 800 000 мигранти и бегалци од воените конфликти да влезат во Германија само во 2015 година.
На прво место по популарност во земјата е министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер со 67%. Втор е министерот за финансии Волфганг Шојбле со 56%, а трет е - сојузниот претседател Јоаким Гаук со 64%. Ангела Меркел е на четвртото место на листата со 63%, губејќи 5 процентни од јуни наваму, пишува „Spiegel“.
Ова е најлошиот нејзин резултат за периодот во кој таа е канцелар. Меркел управува со Германија од 2005 година и се очекува да побара четврти мандат во 2017 година, потсетуваат агенциите.
