Бегалскиот проток е користен за влез на терористи – тврди Меркел
Членови на вооружени групи успеваат да влезат во Европа и преку миграцискиот бран од Сирија, изјави канцеларката на Германија, Ангела Меркел, цитирана од „Ројтерс".
„Делумно бегалскиот проток е користен дури за нелегален влез на терористи"- изјави Меркел за време на митингот на Демохристијанската унија во Источна Германија.
Според неа, германските служби за безбедност потврдиле дека меѓу мигрантите коишто во најголем дел во Европа пристигнале од Сирија има терористи кои што се декларираат како бегалци. Минатата недела германските служби за безбедност објавија дека се знае идентитетот на најмалку 17 терористи кои што влегле во ЕУ како бегалци, а најголем дел од нив веќе се убиени или се во затвор.
Над 1 милион мигранти пристигнаа во Германија минатата година, а најголем дел од нив се Сиријци.
