Бегалската криза – акцент на средбата во Берлин
Ситуацијата на Блискиот Исток и напорите за надминување на бегалската криза. Тоа ќе бидат главните акценти денеска на претстојната средба во Берлин помеѓу германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер и американскиот државен секретар Џон Кери.
Во разговорите ќе се приклучи и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, како и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Пред денешните средби во Берлин, Франк-Валтер Штајнмаер коментирал за изненадната посета на сирискиот претседател Башар Асад во Москва. Лидерот на германската дипломатија изразил надеж дека за време на посетата на сирискиот претседател во руската престолнина се дискутирало не само за воените договори, туку и политичките перспективи за Сирија.
Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјавил дека Башар Асад треба да си остане во Москва засекогаш, наместо да се враќа во Дамаск. „Што можам да кажам? Ако Асад останел во Русија, сирискиот народ би бил мирен“, изјавил Давутоглу.
Тој потсетил дека властите на Турција не ја сметаат за легитимна сегашната влада на Сирија и сметаат дека во земјата нема да се воспостави мир со Асад на чело. Претходно францускиот претседател Франсоа Оланд изјавил дека сите чекори во поддршка на сирискиот претседател се прифатливи. Тој изразил надеж дека Владимир Путин го убедувал Башар Асад да го започне што е можно поскоро процесот на политичка транзиција и да ја напушти функцијата наскоро.
Од своја страна германската канцеларка Ангела Меркел инсистираше дека одлуката на конфликтот во Сирија треба да биде политичка, но призна дека тоа нема да се случи во брзо време. За време на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, таа изјавила дека човек како претседателот Башар Асад нема политичка иднина. Според Меркел во моментов е потребно да се направи нешто за да се намалат страдањата на луѓето, колку што е можно повеќе.
