БЕГАЛЦИТЕ БАРААТ СМЕСТУВАЊЕ, РАБОТА, НО И ПСИХОЛОШКА ПОМОШ: Војната ќе остави колективни трауми
Луѓето кои ја напуштиле Украина, на социјалните мрежи стапуваат во контакт со своите сонародници ширум Европа, при што бараат сместување, работа, а некои од нив бараат и психолошка помош затоа што се истрауматизирани од она што го доживеале во нивните градови.
Психијатарот Симеон Могилевски вели дека војната ќе предизвика колективни трауми и ќе остави траги во психата на цела една нација. Некој полесно, а некој потешко ќе се справи со последиците. Психијатарот објаснува дека на овие луѓе им треба психолошка помош, прво да им се помогне со совети и разговор, за тоа како да се растеретат од стресот, а доколку тоа не помогне, тогаш ќе им требаат и лекови. Могилевски вели дека сѐ ќе зависи од кој каква генетика има, при што некои луѓе со денови, а некои со месеци ќе се борат со психички проблеми.
„Секако дека им треба психолошка помош, затоа што нив во еден ден им се смени животот. Секој може да биде погоден, без разлика на возраста. Некој може да развие депресија. Зависи од карактерот на личноста, како ќе го поднесе тој стрес. Некој може да развие и суицидни мисли, да навлече и други здравствени проблеми за кои стресот е ризик фактор како покачување на притисок, или да добие дијабетес. Ние имаме случаи во војните во екс Југославија, каде луѓето по војната трпат последици и се попречени нормално да функционираат. Војната предизвика стрес за многу луѓе. Со самото тоа што следиме содржини од војната, негативни информации, сето тоа влијае и на нас“, вели психијатарот.
Сепак, на овие луѓе ќе им треба многу време и по завршувањето на војната да се вратат на нормалниот живот.
„Да, многу луѓе веќе имаат трауми. За мене, последиците ќе се видат подоцна, во моментов поради многу обврски мојот нервен систем се обидува да остане стабилен колку што може“, вели Украинка која ја напуштила родната земја и сега работи во Европа.
Според последните извештаи на УНХЦР, бројката на луѓето што ја напуштија Украина од почетокот на војната веќе е поголема од 4,2 милиони, а внатрешно раселените се проценуваат на повеќе од 6,5 милиони. Најголем дел од нив се во Полска. Над 300.000 бегалци заминаа во Германија.
Сања Атанасовскаfoto EPA/SERGEY DOLZHENKO
