БАНКАРСКИ СКАНДАЛ: Пет банки ги местеле курсевите на 10 валути!
Финансиските власти на САД, Велика Британија и Швајцарија изрекоа казна од 3,3 милијарди долари за американските Сити Бенк и Џеј Пи Морган, британските ХСБЦ и Ројал бенк оф Скотланд, како и за швајцарски УБС, поради обидот да манипулираат со курсот на 10 различни валути.
Истрагата покажала дека за цело време во текот на светската финансиска криза, од јануари 2008 до октомври 2013 година, трговци со девизи од овие пет моќни банки го местеле курсот на валутите во корист на своите работодавачи и одредени клиенти.
Ова е резултат на речиси двегодишна истрага на Упрвата за контрола и надзор на финансискиот сектор на Велика Британија и Комисијата за трговија со берзански производи на САД, прва од овој тип од почетокот на големата финансиска криза.
Од оваа страна на Атлантскиот Океан, британските власти им наложија на петте банки казна од рекордни 1,8 милијарди долари заради „пропуст во контролата на девизното работење“. Во САД банките ќе треба да платат дополнителни 1,5 милијарди долари заради обид за манипулација на глобалниот девизен пазар во корист на одредени трговци“.
Најголема казна ќе треба да плати швајцарската банка УБС - 661 милион долари затоа што иако пред две години добила дојава за сомнително девизно работење, не презела ништо.
Збирната казна од 3,3 милијарди долари на прв поглед е импресивна, но всушност е скромна ако се знае дека само американската Сити банк неодамна беше казнета со седум милијарди долари заради малверзации со каматните стапки.
Раководствата на споменатите банки во текот на истрагата тврделе дека не знаат речиси ништо за праксата на персоналот кој се занимава со девизно работење. На овој начин тие вината ја префрлиле врз ситни банкарски службеници и барем засега се спасиле од кривични пријави.
Слично
