БАКТЕРИИТЕ СÈ ПООТПОРНИ НА АНТИБИОТИЦИ, НО ЛЕКАРИТЕ ИМААТ РЕШЕНИЕ: Најнов изум на научниците од Данска
Научниците пронајдоа начин како да ги лекуваат кожните
инфекции на „златната стафилокока“ без антибиотици, кои особено ги
мачат некои болни од рак, но им се закануваат и на посетителите на болниците.
Лабораториска студија на научниците од Универзитетот во Копенхаген користела вештачка верзија на ензим природно произведен од бактериофаги (вируси кои ги инфицираат бактериите) и го користеле за искоренување на Staphylococcus aureus или „златна стафилокока“, во примероци од биопсија од луѓе со кожен лимфом.
„За луѓето кои се сериозно погодени од кожен лимфом, стафилококата може да биде голем, понекогаш нерешлив проблем, бидејќи многумина се заразени со тип кој е отпорен на антибиотици“, објаснува имунологот Нилс Одум од Универзитетот во Копенхаген, пренесува Sciencealert.
„Затоа внимаваме да не даваме антибиотици на сите бидејќи не сакаме да се справуваме со уште поотпорни бактерии. Затоа, важно е да се најдат нови начини за лекување – и не помалку важно – спречување – овие инфекции“, објаснува тој.
Видовите на S. aureus кои се отпорни на метицилин и други антибиотици се нарекуваат MRSA, а бидејќи болниците работат на сузбивање на инфекциите со MRSA, други супербактерии отпорни на лекови брзо ќе го заземат своето место.
Нови методи
Така, во оваа студија, Одум и неговите колеги експериментираа со нова класа на антибактериски агенси наречени ендолизини.
Ендолизините се ензими природно произведени од бактериофагите, вируси кои ги инфицираат бактериите. По инфекцијата, тие сечат молекули наречени пептидогликани кои формираат мрежни скелиња во бактерискиот клеточен ѕид, уништувајќи ги бактериите однатре.
„Одличното нешто во врска со овој ензим е тоа што е дизајниран да навлезе во ѕидот на Staphylococcus aureus“, објаснува водечкиот автор и имунолог од Универзитетот во Копенхаген, Емил Палесен. „Ова му овозможува да таргетира и убива штетни стафилококи и ги остава безопасните бактерии на кожата неповредени“.
Третманот со ендолизин, исто така, длабоко ја спречи S. aureus од колонизација на примероци од здрава кожа и оштетени биопсии на кожата од луѓе со CTCL. Ги отстрани и колониите на S. aureus кои веќе се населиле на кожата од каде е земен примерокот од биопсијата.
„Нашите лабораториски тестови покажаа дека ендолизините не само што ја искоренуваат Staphylococcus aureus од примероците на кожата“, вели Одум, туку „исто така ја инхибираат нивната способност да промовираат раст на ракот“.
Отпорноста на бактериите на антибиотици е се поголем проблем. Во Европа секоја година умираат 33 илјади луѓе од инфекции предизвикани од резистентни бактерии. Ако продолжи растот на отпорноста на антибиотици, секоја инфекција може да стане фатална, па така до 2050 година отпорноста на антимикробните лекови може да предизвика дури десет милиони смртни случаи во светот, што е повеќе отколку што моментално умираат од рак, беше објавено минатиот декември.
ФОТО: EPA