Бајден верува дека Русија ќе ја нападне Украина во следните неколку дена
Моето чувство е дека Русија ќе ја нападне Украина во следните неколку дена, вели претседателот на САД, Џо Бајден.
Тој рече дека руските одговори се испратени, но не ги прочитал. Бајден вели дека државниот секретар Ентони Блинкен денеска ќе оди во ОН со насоки дека постои дипломатски пат. Претседателот изјави дека САД имаат „причина да веруваат“ дека Русија е „ангажирана во операција под лажно знаме“. САД и Велика Британија се обидуваат да ја одбијат потенцијалната руска инвазија на Украина – од која и натаму стравуваат – со тоа што во јавноста ќе објават невообичаено количество разузнавачки податоци со надеж дека на тој начин на рускиот претседател Владимир Путин ќе му го одземат елементот на изненадување, анализира Гардијан.
Русија продолжува да распоредува сили околу украинската граница, при што речиси половина од борбените групи на Москва моментно ја опкружуваат Украина на 50 километри од границата, тврдат западни официјални претставници.
