Бајден праќа 5.000 војници во Авганистан: Ќе успее ли безбедното повлекување на американскиот дипломатски персонал
Американскиот претседател Џо Бајден нареди испраќање на 5.000 американски војници во Авганистан, со цел да се овозможи „безбедно повлекување“.
Ова испраќање дополнителни војници се совпаѓа со офанзивата на Талибанците, која полека, но сигурно го опкружува главниот град на Авганистан, Кабул.
Иако се претпоставуваше дека на Талибанците ќе им требаат 90 дена за да го окупираат Кабул, нивните сили стасаа на само десет километри, што создаде паника кај странските амбасади, кои веќе почнаа да подготвуваат евакуација на нивниот персонал, пишува „Индепендент“.
Џо Бајден изјави дека испраќањето војници е мотивирано од желбата „американскиот и другиот странски персонал да се повлечат безбедно и во ред“.
Бајден и американскиот потпретседател Камала Харис вчера утрото одржаа видео конференција со претставници на националната безбедност како одговор на влошената ситуација во Авганистан, објави АП.
Официјален претставник на Белата куќа рече дека разговарале за напорите за евакуација на американските цивили од Авганистан, како и Авганистанците кои работеле за американската влада, и брзите промени на теренот. Службеникот инсистираше на анонимност.
Одлуката за испраќање илјадници американски војници во Авганистан повторно ја одразува ужасната состојба на безбедност и го доведува во прашање дали Бајден ќе го исполни ветувањето за целосно повлекување на армијата до 31 август.
