БАЈДЕН: Ова е јасен знак дека Путин размислува да употреби биолошко и хемиско оружје
Обвинувањата на Русија дека Киев поседува биолошко и хемиско оружје се лажни и покажуваат дека самиот руски претседател Владимир Путин размислува да го употреби во војната против Украина, изјави во понеделникот американскиот претседател Џо Бајден, без да наведе докази.
Путин е „притиснат на ѕидот и сега изнесува нови лажни тврдења дека ние во Америка имаме биолошко, како и хемиско оружје во Европа, а тоа едноставно не е точно“, рече Бајден на деловна тркалезна маса.
- Тие исто така сугерираат дека Украина има биолошко и хемиско оружје. Тоа е јасен знак дека размислува да ги искористи и двете, смета тој.
Руската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар.
Официјални лица во Вашингтон и сојузничките земји претходно ја обвинија Русија дека шири недокажано тврдење дека Украина има програма за биолошко оружје, велејќи дека тоа го гледаат како можен вовед во потенцијалното руско започнување на биолошки или хемиски напади.
Руското Министерство за одбрана го обвини Киев, без да обезбеди докази, дека планира хемиски напад врз сопствениот народ со цел да ја обвини Москва за употреба на хемиско оружје во инвазијата на Украина која започна на 24 февруари.
На почетокот на овој месец, американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан разговараше со Николај Патрушев, секретар на рускиот Совет за безбедност, предупредувајќи го за последиците од евентуалната руска одлука да употреби хемиско или биолошко оружје во Украина.
Белата куќа не прецизираше какви ќе бидат последиците.
