Економија, финансии, бизнис

Контакт

БАЈДЕН ДАДЕ ИНТЕРВЈУ: Одби да одговори како САД ќе возвратат доколку Путин продолжи со нуклеарните закани

БАЈДЕН ДАДЕ ИНТЕРВЈУ: Одби да одговори како САД ќе возвратат доколку Путин продолжи со нуклеарните закани

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во интервју за Си-Ен-Ен дека верува оти рускиот претседател Владимир Путин е „рационален актер“ кој погрешно ја проценил својата спобност да ја нападне Украина и да го потисне нејзиниот народ. Да потсетиме дека Бајден минатата недела предупреди дека ризикот од „нуклеарен армагедон“ е најголем во последните 60 години.

Бајден сега за Си-Ен-Ен изјави дека заканите што доаѓаат од Русија може да резултираат со катастрофални „грешки“ и „погрешни пресметки“, но тој не објасни како САД ќе одговорат доколку Путин започне со нуклеарни подготовки на украинското бојно поле.

Дополнително, американскиот претседател рече дека Саудиска Арабија ќе ги сноси последиците откако најави намалување на производството на нафта во партнерство со Русија, што може да предизвика зголемување на цената на гасот.

„Слушајте што рече Путин“

Си-Ен-Ен објави дека Бајден разговарал со највисоките функционери во последниве месеци за можните потези што Путин би можел да ги направи бидејќи неговата војска го губи теренот во Украина. Бајден ги нарече целите на Путин во Украина смешни.

„Слушнете што рече. Ако го слушате говорот што го одржа по одлуката за напад, ќе слушнете дека зборувал за целата идеја. Тој требаше да биде лидер на Русија што ќе ги обедини сите руски говорници. Мислам дека тоа е ирационално“, рече Бајден, продолжувајќи:

„Целите на Путин не се рационални. Мислеше дека Украинците ќе го пречекаат со раширени раце, дека Киев е домот на мајка Русија. Тој целосно погрешно процени“. Си-Ен-Ен не потсетува дека Украина минатиот месец започна успешна контраофанзива, со која врати голема територија, додека оваа недела Русија ја започна своето најтешко бомбардирање од февруари.

„Путин извршил воени злосторства. Кој знае што би се случило доколку употреби нуклеарно оружје“

Бајден беше прашан дали ќе се сретне со Путин на самитот на Г-20 во Индонезија, кој ќе се одржи следниот месец. „Зависи за што сака да разговара. Ако сака да зборува за затворената американска кошаркарка Бритни Гринер, јас ќе бидам отворен за разговор“, рече Бајден.

„Но, погледнете, Путин се однесуваше брутално. Мислам дека изврши воени злосторства. Затоа, не гледам причина сега да се сретнам со него“, додаде Бајден, кој сепак не верува дека Путин е подготвен да користи нуклеарно оружје. „Не мислам така“, рече тој. „Неодговорно е лидерот на една од најголемите нуклеарни сили во светот да вели дека може да користи нуклеарно оружје во Украина“, смета Бајден.

„Мислам, тоа би довело до ужасен исход. И не затоа што некој ќе го претвори во светска војна или нешто слично, туку штом ќе употребите нуклеарно оружје, грешките што може да се направат, погрешните пресметки... Кој знае се случи она што ќе се случи“, рече Бајден.

Што ако Путин употреби нуклеарно оружје?

„Путин навистина не може неказнето да зборува за користење нуклеарно оружје како да е тоа нормална работа. Се прават грешки. И може да се случи погрешна пресметка. Никој не може да биде сигурен што ќе се случи и може да заврши со Армагедон“, рече Бајден, одбивајќи да одговори како би изгледал американскиот одговор доколку Путин продолжи со нуклеарните закани.

„Која е црвената линија за Соединетите Американски Држави и НАТО и дали сте му дале наредба на Пентагон и другите агенции да размислат каков ќе биде одговорот доколку Путин навистина употреби тактичко нуклеарно оружје или ако ја бомбардира нуклеарната централа Запорожје во Украина или нешто слично? Кои се црвените линии?" Го праша новинарот на Си-Ен-Ен, Џејк Тапер.

„Разговаравме, но нема да навлегувам во тоа. Би било неодговорно од моја страна да кажам што би направиле или не“, одговори американскиот претседател.

Дали Русија ја менува тактиката со воздушни напади?

Неколку часа пред интервјуто за Си-Ен-Ен, Бајден беше на виртуелен состанок со земјите од Г7, од кои украинскиот претседател Володимир Зеленски побара да ги зајакнат противвоздушната одбрана поради новите руски бомбардирања.

Зеленски на состанокот рече дека „заедничките напори за создавање воздушен штит за Украина“ мора да се засилат поради нападите на руските крстаречки ракети и беспилотни летала. Белата куќа, од друга страна, соопшти дека САД се подготвуваат да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина, вклучувајќи ги и антиракетните одбранбени системи што Бајден наскоро ќе ги испорача.

Си-Ен-Ен пишува дека интензивните руски воздушни напади врз Киев и цивилната инфраструктура би можеле да бидат знак за промена на тактиката за тероризирање на Украинците во текот на зимата.

„Ќе има последици за Саудиска Арабија“

Бајден рече дека е време да се преиспитаат односите меѓу САД и Саудиска Арабија, откако таа се здружи со Русија за да го намали производството на нафта. САД се обидоа да спречат таква одлука, истакнува Си-Ен-Ен. „Ќе има последици за она што Саудиска Арабија го направи со Русија“, нагласи Бајден.

Фото: ЕПА/JEMAL COUNTESS / POOL 

Слично

Поврзани вести