Азиските берзи силно пораснаа, еврото под притисок
Цените на акциите на азиските берзи утрово силно пораснаа бидејќи најавите за натамошно ублажување на на монетарната политика во Кина и еврозоната ја поттикнаа склоноста на инвеститорите кон ризични инвестиции. Курсот на еврото од утрово е под притисок.
Најмногу утрово, за околу 2%, скокнаа цените на акциите во Шангај и Хонг Конг, додека берзанските индекси во Сингапур, Јужна Кореа и Австралија се зголемија меѓу 0,1 и 1 процент.
На берзата во Токио денеска е неработен ден заради празници. Азиските инвеститори ги охрабри неочекуваниот потег на кинеските монетарни власти, кои во петокот ги намалија каматните стапки за првпат по повеќе од две години.
Референтната каматна стапка за едногодишни кредити се намали за 0,4 процентни поени, на 5,6%, а каматата на едногодишните депозити за 0,25 процентни поени, на 2,75%. Потегот на кинеската Централна банка следеше по низа сигнали за забавување на втората по големина економија во светот.
Според одредени информации, кинеските власти се подготвени и дополнително да ја либерализираат монетарната политика со цел да го придвижат растот и да се изборат со заканите за дефлација.
На валутните берзи, пак, вредноста на еврото е под притисок уште од петокот. Утрово курсот на еврото во однос на доларот се доближи до минимумот од последните 26 месеци - 1,2357 долари. Во однос на јенот, пак, европската валута падна на 145,7 јени. Доларот, пак зајакна во однос на јапонскиот јен, па неговиот курс утрово се движи околу 117,9 јени. Сепак, се уште е далеку од 118,98 јени кои ги достигна минатата недела и кои претставуваат рекордно ниво во последните седум години.
Слично
