Економија, финансии, бизнис

Контакт

Азаров си замина, Украина доби в.д. премиер

Азаров си замина, Украина доби в.д. премиер
Украинскиот претседател Виктор Јанукович ја прифати оставката на премиерот Микола Азаров, поднесена во обид да придонесе за смирување на политичката криза која веќа два месеци ја потресува Украина.

Јанукович назначи вршител на должноста премиер - тоа ќе биде досегашниот прв вицепремиер на Украина Сергеј Арбузов.

Оставката на Азаров повлекува и оставка на целата Влада, но министрите ќе продолжат да ги извршуваат своите обврски до формирање на нов владин Кабинет. За сега тоа е неизвесно кога ќе се случи, со оглед на тоа што Јанукович не е подготвен да распише нови избори, а опозицискиот лидер Арсениј Јаценјук ја одби понудата на шефот на државата да застане на чело на новиот Кабинет. „Конфликтната ситуација во земјата се заканува на економскиот и социјалниот развој на Украина, претставува закана за целото украинско општество и за секој граѓанин“, ја образложи Азаров својата оставка денеска. Тој оцени дека вложил големи напори за да може Украина да се развива како демократска европска држава и презел одговорност во интерес на народот, па затоа може чесно секому да погледне во очи. Освен заминувањето на премиерот, кој деновиве имаше најостра реторика кон демонстрантите, опозиционерите извојуваа уште една победа денеска откако украинскиот Парламент поништи најголем дел од законските решенија кои го ограничуваа правото на протест. Сепак, украинските пратеници не успеаја да постигнат договор за амнестија на уапсените демонстранти и со вонредната седница на Врховната Рада ќе продолжат и во текот на утрешниот ден.
Слично

Поврзани вести