Австриската полиција уапси уште едно лице за нападот кој го изврши терористот Фејзулаи од Македонија
Уапсено e уште едно лице поврзано со терористичкиот напад во Виена кој го изврши македонски државјанин.
Австриската полиција уапси едно лице за кое се сомнева дека е соучесник во терористичкиот напад на 2 ноември, кога Кујтим Фејзулаи уби пет лица во центарот на Виена и рани повеќе од 20 луѓе. Уапсен е Австриец со потекло од Авганистан, за кого се верува дека знаел за терористичкиот план на Фејзулаи. Истрагата за специјалната единица доведе до апсење на овој пријател на убиениот џихадист. На автоматската пушка со којашто пукал Фејзулаи, се пронајдени траги од ДНК на уапсеното лице.
Полицијата претпоставува и дека уапсеното лице снимило кратко видео на кое се гледа автоматската пушка калашников (АК47) со албанската рап песна „АК47“. На тоа видео, кое трае само 10 секунди, можат да се забележат двајца мажи во „бе-ме-ве“ со „калашников“, а полицијата верува дека едниот од нив е терористот.
