Австралија: Ја имаме најдобрата трага за малезискиот авион досега!
Два предмети се откриени во Индискиот Океан, од кои едниот е долг 24 метри, во рамките на потрагата по исчезнатиот авион Боинг 777-200 на Малезија Ерлајнс. Според австралиските власти, кои ја водат потрагата во овој дел, постои голема веројатност предметите да се поврзани со исчезнатиот авион од летот МХ 370.
„Тоа е веројатно најдобрата трага што ја имаме во моментот, но мора да отидеме таму и да провериме дали навистина тоа се предмети вредни за истрагата“, рече претставникот на австралиската Агенција за поморска безбедност (АМСА) Џон Јанг.
Едниот предмет е со должина од 24 метри, а другиот е помал. И двата предмета се релативно нејасни, пловат под површината и повремено излегуваат над неа, објаснил тој.
„Мора да имаме на ум дека локализацијата на тие предмети е исклучително тешка, а може да се покаже дека и воопшто не се поврзани со летот МХ370“, рече австралискиот премиер Тони Абот.
Кинеските власти веќе изјавија дека се надеваат дека Австралија што е можно поскоро ќе може да испрати свои екипи на локацијата во јужните делови на Индискиот Океан, кои ќе проверат дали се работи за вистински траги од малезискиот авион во кој најголем дел од патниците беа кинески државјани.
Дури и ако се потврди дека двата предмета се поврзани со исчезнатиот авион, за истражните органи сепак уште остануваат многу неодговорени прашања, а првично - што барал малезискиот авион стотици километри далеку од неговата планирана рута Куала Лумпур-Пекинг?
Слично
