Авионесреќата во Јужна Франција не е терористички чин
Нема податоци кои укажуваат дека несреќата на летот „4U9525“ на „Џерманвингс“ е поврзана со тероризам, пренесоа агенциите, цитирајќи официјални претставници на безбедноста во Германија.
Авионот се урна во Француските Алпи во текот на лет од Барселона кон Дизелдорф.
Во профил на Твитер компанијата „Џерманвингс“ потврди дека авионот „Airbus A 320“ се урна над Јужна Франција и во авионот имало 144 патници и 6 членови на екипажот. Првично беше соопштено за 142 патници и шест членови на екипажот.
Францускиот претседател Франсоа Оланд најави дека нема надеж за преживеани при авионесреќата. Во авионот имало Германци, Шпанци и евентуално Турци.
Германската канцеларка Ангела Меркел ги откажа сите средби за вторник поради несреќата. За неколку часа таа ќе го посети местото на несреќата во јужните Алпи.
Поради трагедијата шпанскиот крал Филип Шести ја прекина официјалната посета во Франција.
